Monday, December 21, 2015

МАКЕДОНИЈА: По налетот на мигрантите двојно поскапе железничкиот билет Гевгелија-Табановце

Бегалската криза во Македонија се влошува поради зголемениот број на лица кои влегуваат во земјава. Во ваква ситуација, Македонски железници решија за двапати да ја покачат цената на билетите. На почетокот билетите беа 5 евра, потоа со порастот на бројот бегалци цената се зголеми на 10 евра, додека сега  билет од Гевгелија до Табановце чини 25 евра. 

За ваквата ситуација алармираа и хуманитарните активисти кои не се во можност да фотографираат билет како доказ, бидејќи тие се даваат и плаќаат неформално, пред бегалците да се качат на воз. Директорот на железници, Никола Костов не одговараше на телефонските повици и нашите смс пораки. Портпаролот на железници само кусо го потврди поскапувањето, без да ја објасни причината за ваквата одлука.

Министерството за транспорт веќе неколку недели го остави на „чекање“ барањето на хуманитарната организација „Хилал“ која побара бесплатен транспорт за бегалците од Гевгелија до Табановце.

„Ние го направивме потребното барање за да обезбедиме превоз за бегалците. Не добивме одговор ниту „да“ ниту „не“, се уште чекаме“, вели Мустафа Даути – претседател ХО „Хилал“.

Заменик – министерот Ниметулах Халими, денеска изјави дека не бил запознаен со таквото барање. Тој вети дека од утре ќе се разгледа ова прашање. Од „Хилал“ велат дека околу 5000 бегалци дневно се сместуваат во прифатните центри каде добиваат храна и вода. Но, помошта со која располагаат не е доволна за големиот бран бегалци. Затоа апелираат до организациите и до граѓаните да донираат облека и храна.

Министерството за внатрешни работи вчера регистрираше повеќе од 2400 бегалци главно од Сирија, Авганистан и Ирак. Но, бројката на оние кои поминуваат низ Македонија без да се регистрираат е три пати поголема од онаа која ја пријавуваат властите.

12.09.2015
(alsat.mk)

No comments:

Post a Comment

STATISTIKA