Македонски железници – Инфраструктура го избра Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје за да го ревидира основниот проект за пругата од Кичево до албанската граница.
Рокот за реализација на ревизорските активности е 24 месеци, но очекувањата се дека ревидираната проектна документација за делницата долга 62,5 километри ќе биде завршена порано. На скопскиот универзитет за оваа услуга ќе му бидат исплатени 29,5 милиони денари.
И додека се ревидира основниот проект, конзорциумот од француската компанија „Луи Берже“ и шпанската „Тиса“ го изготвуваат изведбениот проект и дизајнот за изградба на пругата од Кичево кон границата со Албанија. Пругата ќе биде едноколосечна и електрифицирана, со брзина на движење на возовите од над 100 километри на час. За изградбата на оваа железничка делница досега не е оформена финансиска конструкција, од причина што самата проектна документација не е целосно комплетирана.
Крајниот рок за изградба на пругата од Кичево кон албанската граница е 2022 година. Капиталниот инфраструктурен проект треба да го прими патничкиот и товарниот сообраќај од Црното море, преку Бугарија, Македонија и Албанија кон Јадранското море. За разлика од северните делови на Балканскиот полуостров, земјите од неговиот јужен дел немаат ниту една железничка врска во правецот исток – запад.
(build.mk)
No comments:
Post a Comment