Tuesday, December 29, 2015

МАКЕДОНИЈА: Пругата кон Албанија сѐ уште далеку од реализација

Засега нема ниту пари, а ниту се знае на која точка ќе се спојува железничката пруга Македонија – Албанија. Иако директорите на двете железници потпишаа меморандуми за соработка, се уште не знаат каде точно ќе биде котата на која би се поврзале пругите од двете земји. Директорите на железниците очекуваат ова да се разјасни после изработката на  идејните проекти.

„Имаме некој идеен проект за поврзување. Сега почнавме да работиме на изведбениот проект кој треба да ги покаже котите за поврзување. Инаку, идејниот проект покажува точки на поврзување на 700 или 750, но додека не се заврши идејниот проект не може да кажеме точно каде ќе се поврзаме“, рече Ирфан Асани – директор на железница инфраструктура.

За разлика од нас, Албанија има завршено поголемиот дел од предвидените зафати и сега се чека Македонија, по што заедно ќе се побараат пари, по што Тирана ќе ги доизгради преостанатите 2,8 – те километри до границата.

„За разлика од македонската страна, ние го имаме завршено главниот проект и се чека само да аплицираме кај меѓународните институции за средства за финансирање. Токму овој меморандум е база за двете страни да ги утврдат поврзувачките точки од двете страни“, изјави Генци Ализоти.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски вели дека во моментот тече Јавниот повик за избор на консултантска компанија која ќе го изработи главниот проект за пругата од Кичево до Лин, по што според него ќе се утврдат и главните пресечни точки.

„Во тек е повикот, очекуваме кон крај на годината и почеток на идната да се склучи договор и кон крајот на 2016 – та година би имале главен проект. Се уште немаме обезбедено пари, евентуално тоа би го направеле во 2017 – та и 2018 – та година. Сега, во наредниве две години ќе се работи главен проект во висина од 3,5 милиони евра. Колку ќе биде понудата ќе видиме за некој ден“, рече Миле Јанакиевски – министер за транспорт и врски.

За разлика од Албанија, Македонија ќе треба да изгради 63 километри железничка пруга, а според проценките тоа ќе чини 504 милиони евра. Со железничкото поврзување на Македонија со Албанија се очекува двете земји да имаат побрз проток на стоки и патници. Најоптимистичка прогноза е дека пругата кон Албанија ќе се заврши до 2022 година.

29.12.2015
(alsat.mk)

No comments:

Post a Comment

STATISTIKA