Sunday, November 29, 2015

МАКЕДОНИЈА: ЕУ даде пари и бара проект за пруга Кичево - Албанија

На официјалната веб-страница за тендери на Европската Унија веќе е распишана објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија како дел од

Коридор 8

Македонија ќе добие 42,7 милиони евра од Европската Унија за реализација на проекти од патната и железничката инфраструктура во 2013 година. Со оперативната програма за регионален развој 2012-2013 година се одвоени вкупно 106 милиони евра, од кои за делот транспорт се алоцирани вкупно 50 милиони евра, од кои 42,7 милиони евра односно 85 отсто се средства од ИПА-фондовите, додека 7,5 милиони евра односно 15 отсто се средства од македонскиот буџет.

Стратегиска цел

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера соопшти дека овие пари ќе се искористат за повеќе проекти.

- Во делот на железницата, на официјалната веб-страница за тендери на Европската Унија веќе е распишана објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија како дел од Коридор 8. Стратегиска определба на Владата на Република Македонија е финализирање на оската исток-запад на нејзината територија, односно комплетирање на железничкиот Коридор 8, како заеднички приоритет за земјите од регионот во насока на поврзување на транспортните текови од Јадранско и Јонско Море со оние од Црно Море - вели Јанакиески.

Тој вели дека со објавувањето на тендерот за доделување договор за услуги за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија како дел од Коридор 8, Министерството за транспорт и врски во 2012 година го почна процесот на имплементација на оваа регионална стратегиска цел.

- Со распишувањето на оваа објава практично почнува постапката за избор на консултант. Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година, со времетраење од 24 месеци и буџет во износ од 8.000.000 евра. Избраниот консултант ќе има за цел изработка и комплетирање на потребната проектна и тендерска документација за понатамошна изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија, како дел од Коридорот 8, со должина од околу 63 километри.

Со изградбата на железничкиот коридор на целата територија на Република Македонија ќе се овозможи пристап на железничкиот сообраќај до пристаништата во Драч и Валона - вели Јанакиески.

Тој додава дека во делот на железници приоритет е даден на изработката на главен проект и тендерска документација за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Република Бугарија како дел од Коридорот 8, со што ќе се комплетира документација за понатамошни инвестиции и изградба на Коридорот 8 кон Бугарија. Со оваа оперативна програма се предвидени и проектите за изработка на проектна документација за железничките делници Скопје - Кичево и Велес - Битола, како и подготовка на основен проект за железничката делница Драчево - Велес. Во железничката инфраструктура се предвидени инвестиции во висина од 11.500.000 евра.

Патишта

Во делот патишта е предвидена рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10 и 10д и акциски план за подобрување на безбедноста на патиштата по должината на Коридорите 8 и 10. Приоритет му е даден на проектот „Рехабилитација на патната делница Велес-Катланово, како дел од Коридор 10“. Во текот на 2013 година се очекува да се подготви проектната документација за рехабилитација на патната делница. Други делници што се опфатени со оперативната програма за овој период се и делниците: Миладиновци - Скопје, Куманово - Миладиновци, Меџитлија - Крклино, Крклино - Прилеп и Градско - Неготино. За реализација на овие проекти во делот на патната инфраструктура се предвидени инвестиции во висина од 38.000.000 евра.

22.12.2012
(novamakedonija.com.mk)

No comments:

Post a Comment

STATISTIKA